Реконструиран паркот Бирарија

Најрепрезентативното место во месната заедница Бирарија, паркот каде некогаш постоела најстарата пиварница во Скопје, во недела светна во ново руво, информираат локалните власти.

Општината Кисела Вода во изминатиот период интензивно работеше на реконструкција и реновирање на паркот со замена на сите оштетени клупи и корпи за отпадоци, како и со поставување на нови детски реквизити за најмладите (лизгалка, лулашка и клацкалка).
Истовремено, се изврши и реновирање на летниковецот со кружната клупа, збиралиштето на пензионерите од овој дел од Кисела Вода.
Реконструираниот парк во употреба го пушти градоначалникот на Општина Кисела Вода, Марјан Ѓорчев, кој ги поздрави присутните и им се заблагодари на претставниците од месната заедница за одличната организација.
Тој посочи дека оваа инвестиција е на барање на сите жители од Бирарија, особено на пензионерите, кои во изминатиот период доставија и официјално барање до општината за реконструкција на оваа јавна површина.
Во паркот се изврши и реконструкција на зеленилото кое беше збогатено со три цветни алеи од зимзелени и декоративни растенија. Истовремено, беше поставено и симболично обележје “Кригла”, која ја симболизира првата пиварница во Скопје изградена токму на тоа место.
Паркот Бирарија со својата содржина дополнително ќе придонесе за продолжување на традицијата за организирање родендени, собири на граѓани, добротворни акции организирани од страна на невладини организации, школи, градинки и др.институции.

Макфакс

Објавено понеделник, 19 ноември 2012 03:02:28
Напишано од admin



Магазин:Најчитани

Барај